Селиште (Блатец), населба. На 100м. источно од селото, во подножјето на локалитетот Кале, на површина од 4-5 декари се среќава фрагментирана садова и градежна керамика. Од тука потекнуваат две венецијански сребрени монети кои денес се чуваат во колекцијата Попов во Виница.

Црквиште (Блатец), населба од доцноримско време. На 3,5 км. северозападно од селото, на зарамнето плато се наоѓаат групации од камења и фрагменти од садова керамика.

Чуката (Блатец), могила. Се наоѓа на 1 км. северно од селото, на зарамнето плато, во приватна нива. Има пречник од 20, а висока е 3,5 м. Оштетена е од ј/и страна.

Виница- пазариште, населба од римското време. На платото каде што е лоцирано современото пазариште, М. и Д. Гарашанин, при рекогносцирањето извршено во 1957 год. констатирале голема концентрација на римска садова керамика. Пред куќата на И. Иванов се откриени и неколку целосно сочувани керамички садови. Истите денес се наоѓаат во приватната колекција Попов во Виница.

Вршник (с. Виничка Кршла), могила. На 200 м. од селскиот пат за Кршла, од левата страна, и 800 м северозападно од локалитетот Градиште 2 се наоѓа могила висока 5 м и со пречник во основата од 25 м, која е делумно оштетена.

Ѓафурски Лозја (с. Виничка Кршла), населба. Се наоѓа на десниот брег на Драгобраштанска Река, во непосредна близина на локалитетот Вршник. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, а биле најдени и монети.

Могила (с. Виничка Кршла), населба. На 2 км северозападно од од селското училиште, на десната страна од стариот пат Кочани – Делчево, на површина од околу 150 х 100 м се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули, питоси и покривни ќерамиди. Концентрацијата на археолошкиот материјал е најголема во нивата на на И. Митев. Во непосредна близина се наоѓа оштетена могила со пречник во основата од 25 м и височина од 4-5 м.

1 2 3 4 5 6