Кликнете врз сликата за да ја погледнете зголемена

Претстава на Јупитер, бронза, непознат локалитет, с. Истибања

Батевка (с. Истибања), населба. На 2 км источно од селото, на левата страна на стариот пат Кочани – Делчево, во нивата на Б. Антов се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал.

Раклеви Бавчи (с. Истибања) населба од римското време. На високиот рид што се наоѓа на 400 м североисточно од селото се гледаат темели од повеќе објекти, а по површината се среќаваат големи количества од градежен материјал: камен, покривни ќерамиди, подни тули и др.

Селиште (с. Истибања), населба од римското време.

Слатина– Горица (с. Истибања), населба и некропола од римското време. На 2 км јужно од селото и на 1,5 км северозападно од селото Јакимово, во една мала плодна котлина опкружена со ниски тераси се гледаат остатоци од од објекти и населбинска керамика. На една од терасите, близу до нивата на А. Апостолов, во 1968 година, со поставувањето на каналот за наводнување – лев крак на брегалничкиот мелиоративен систем, биле откриени два гроба издлабени во карпа, со кремирани покојници и множество керамички прилози. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Штип.

Кликнете врз сликата за да ја погледнете зголемена

Турски гробишта (с. Истибања), населба од римското време. На околу 300 м југоисточно од селото, од левата страна на стариот пат Истибања – Делчево, во близината на турските гробишта се среќаваат остатоци од населбинска керамика и градежен материјал.

Амбарица (с. Јакимово), населба. Во нивите на северниот крај на селото, на простор од околу 100 х 60 м се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал (камен, покривни ќерамиди и сл.)

Блатечки пат (с. Јакимово), населба и некропола – могили од римското време. На 2 км источно од селото, недалеку од утоката на на Сушичка Река во Осојница, во нивите на Н. и Т. Арсови, со површина од околу 6-7 декара, се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Сопствениците на нивите при орање наидувале на темели од објекти, питоси и монети.Во западниот дел на локалитетот се издига мало ритче, наречено Булите, на кое доминираат две делумно оштетени могили. На ритчето, во северниот крај, лежи уште една многу пооштетена могила, со пречник од околу 10 м. Наодите не се зачувани.

1 2 3 4 5 6