јошуа и калеб

Кликнете врз сликата за да ја погледнете зголемена

Претставата со ликовите на Исус Навин (Јошуа) и Калеб зачувана е во неколку реплики. На левата страна на релјефот (димензии: 28,5x30x4см) претставена е фигурата на Исус Навин во фронтална положба. Тој е облечен во војничка облека – панцир исплетен од кожни ремени, со должина до подколената. Врз панцирот е префрлена неговата наметка која му ги покрива рамениците и е закопчана на градите. Дел од наметката, развиорена на ветерот, се гледа под десната рака на Исус Навин, со која тој го држи копјето. На главата војникот носи шлем украсен со два рога. Во десната рака го држи своето масивно копје, додека левата рака, свиткана во лактот, подигната му е нагоре и со неа тој покажува кон сонцето, сместено во централниот дел од горната половина на плочата.над главата на Исус Навин, меѓу неговиот шлем и копјето, претставена е ѕвезда. На десната половина на плочата изведена е во фронтален став фигурата на Калеб костимирана во војничка облека, слична на облеката на Исус Навин, но изведена со покрупни набори. Панцирните облеки на двата воина врзани се околу нивните половини со ремени украсени со кружни копчи. Под левата рака на Калеб се гледа дел од наборите на наметката закопчана на неговите гради. На главата тој има шлем украсен со два рога, идентичен на шлемот на неговиот пандам. Во левата рака Калеб држи копје а со десната го придржува штитот поставен меѓу него и фигурата на другиот воин. Двајцата на нозете имаат воинички сандали, врзани со ремени околу листовите. Ликот на Калеб е благо свртен на десната страна, а неговиот поглед е вперен во сонцето на кое покажува Исус Навин. На неговата глава изведена е претстава на месечината.
Долж левиот вертикален раб на плочата, лево од ликот на Исус Навин испишана е сигнатурата FILIUS NAVE со букви свртени наопаку. Во горниот средишен дел на релјефот, меѓу главата на Исус Навин и претставата на сонцето, во три реда е испишано неговото име. Во првиот ред стои буквата H покрај која е изведен симболот на крстот, во вториот буквите IE, а во третиот буквите SU. Долж десниот вертикален раб на претставата, покрај фигурата на Калеб, испишано е неговото име – KALEEB.

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15